Стипендии за студирање во Русија

Амбасадата на Руската Федерација распишува конкурс за прием на државjани на Република Македониjа за студии на високообразовни институции на Руската Федерациjа во 2017/2018 академска година. На запишаните студенти од Македонија Руската Влада ќе им обезбеди стипендија и други услови за студирање и сместување какви што се предвидени и за руските државјани.

Заинтересирани кандидати треба да ги поднесат следните документи:

- пријава (Application Form) со приложена фотографија во боја, пополнета на руски или англиски јазик;

- фотокопии од страниците на пасошот со основните податоци кои се потребни за издавање виза. Пасошот треба да има рок на важење не помалку од 18 месеци сметано од денот на првиот влез во Русија;

- лекарско уверение заверено од официјална здравствена установа;

- потврда за извршен тест за ХИВ-вирусот заверена од официјална здравствена установа;

- фотокопија од документот за завршено образование заверена на нотар, со листа на наставните предмети и оценки од испитите.

Доколку кандидат сѐ уште го нема добиено документот за завршено образование, треба да поднесе уверение со тековни оценки заверено од својата образовна установа;

- кандидатите за аспирантурата (постмагистерски студии) покрај горенаведените документи, треба да достават список на објавените научни трудови (доколку има) и краток реферат на руски јазик по темата на идното научно истражување.

Сите документи треба да имаат превод на руски jазик и да бидат заверени на нотар. Шифрите и точните називи на одбраната специјалност за пополнување на Пријавата, како и информации за сите државни високообразовни институции на Руската Федерација кои учествуваат во програмата, се достапни на сајтот http://www.russia-edu.ru/.

Пријавата се пополнува во електронска форма и се поднесува со приложување на скенирани (горе наведените) документи непосредно на сајтот http://www.russia.study/ (потребна регистрација).

Рокот на пријавување е до 26 февруари 2017 година.

Сите уредно пријавени кандидати ќе бидат поканети за интервју кое ќе се одржи на 27 февруари 2017 година во Рускиот центар при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“-Скопје (ул.Митрополит Теодосиј Гологанов, бр.28). На интервјуто кандидатите треба да дојдат со оригиналите на поднесените документи.

Конечната одлука за прием на кандидатите кои успешно ќе го поминат конкурсот, ја донесуваат самите образовни установи (факултети) за кои кандидатите аплицирале во своите пријави. Секој кандидат може да аплицира за студии на најмногу 6 универзитети (не повеќе од два во еден федерален округ на Руската Федерација). Доколку кандидатот, од било кои причини, биде одбиен од сите образовни установи за кои аплицирал, за местото на неговите студии (факултет) ќе одлучи Министерството за образование и наука на Руската Федерација.

Познавањето на руски јазик не е задолжително за пријавувањето. Кандидатите кои не го знаат доволно рускиот јазик, имаат можност да го изучуваат и да се подготват преку дополнителна програма на државните високообразовни институции на Руската Федерација. Обуката трае една година, не се вклучува во рокот на студиите по основната образовна програма и е на трошок на Руската страна.

Руската Влада не ги покрива патните трошоци на кандидатите. Образовните институции (факултети) немаат обврска околу обезбедување престој во Русија на членовите на семејствата на странските студенти, постдипломци или стажанти.

За добивање виза кандидатот треба да се запознае со финансиските услови за престој во Русија и да го потврди тоа со својот личен потпис.

Подетални информации за условите на доделување државни стипендии за студии во високообразовни установи на Руската Федерација се достапни на сајтот: http://минобрнауки.рф/ или http://rs.gov.ru/.

Конкурс за стипендии за кратки студиски престои во Велика Британија за 2017 година

Британскиот фонд за стипендии – British Scholarship Trust за 2017 година за млади истражувачи од Република Македонија доделува до 6 стипендии за кратки студиски престои (од 1 до 3 месеци) на соодветни високо образовни и научни истражувачки институции во Велика Британија.

Стипендијата изнесува 900 фунти месечно за универзитети надвор од Лондон, односно 1000 фунти месечно за универзитети лоцирани во Лондон, за покривање на трошоците за сместување и исхрана. Патните трошоци паѓаат на товар на кандидатите. 

Услови за конкурирање:
- Завршени академски универзитетски студии од прв циклус со просечен успех над 8,00;
- Одлично познавање на англиски јазик; 
- Да не се постари од 30 години;
- Да имаат обезбедена согласност од соодветна институција од Велика Британија за реализација на студискиот престој.

Потребни документи за конкурирање:
1. Молба, вклучително адреса на живеење, е- mail и контакт телефон ;
2. Биографија (CV);
3. Предлог програма за истражување, на една страна, формат А4;
4. Согласност од институцијата во Велика Британија за прифаќање на студискиот престој;
5. Копие од диплома за завршено образование;
6. Две препораки од универзитетски професори или истражувачи, во запечатени пликови; 
7. Потврда за познавање на англискиот јазик ( ТОЕФЕЛ, ИЕЛТС или др.) и 
8. Потполнет формулар (од www.britishscholarshiptrust.org) и две фотографии.

Потполнетиот формулар и потребните документи (на англиски јазик), треба да се поднесат во Министерството за образование и наука на адреса: 
Ул. „Св. Кирил и Методиј“, бр.54 -1000 Скопје, Сектор за наука и иновации.

Крајниот рок за поднесување на документите е 15 март 2017 година.

Подетални информации може да се најдат на www.britishscholarshiptrust.org или во Министерството во канцеларија 1410, на телефонскиот број 02 3140-185 или на e-mail: chawkesworth304@btinternet.com, katerina.sumanovska@mon.gov.mk

Стипендии за студирање во Индонезија

Се информираат сите заинтересирани граѓани дека за академската 2017/2018 година достапни се две програми за доделување на стипендии за студии во Индонезија и тоа:

- Дармасисва програмата на Владата на Индонезија преку која се доделуваат стипендии за студии поврзани со изучување на индонезискиот јазик, уметност и култура на еден од 59-те универзитети кои се лоцирани во Индонезија. Аплицирањето и поднесувањето на потребните документи се врши исклучително по електронски пат, на интернет страницата http://darmasiswa.kemdikbud.go.id/, каде може да се обезбедат и дополнителни информации околу износот и условите за користење на стипендијата.

- БИПА програмата на УМП Универзитетот (Universitas Muhammadiyah Purwokerto) за изучување на индонезискиот јазик, уметност и култура, преку програми во времетраење од 1, 2, 3 или 6 месеци. Повеќе информации за овој тип на стипендии може да се обезбедат на http://international.ump.ac.id/index.php/international-programs/bipa/bipa-scholarship. Апликацијата и потребните документи се доставуваат на електронската адреса bipaump@gmail.com.

Стипендии за студирање во Шведска

Шведскиот институт со седиште во Стокхолм за академската 2017/2018 година  обезбедува 4 стипендии за кандидати од земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Република Македонија, наменети за магистерски студии, докторски студии и пост- докторски истражувања, од областа на социјалните науки во траење од најмногу 12  месеци.


Аплицирањето се врши исклучително по електронски пат, а крајниот рок е 10 јануари 2017 година.
Заинтересираните кандидати повеќе информации можат да обезбедат на www.si.se.

Стипендии во рамки на Словачката национална програма за мобилност

Министерството за образование и наука информира дека во тек е конкурс за доделување стипендии во рамки на Словачката национална програма за мобилност, наменети за предавања, истражувања, студиски или уметнички престој на словачките јавни универзитети во академската 2016/2017 година.

Стипендиите ги обезбедува Владата на Словачката Република и истите во целост ги покриваат трошоците за живот на стипендистот за време на престојот. Додека, трошоците за меѓународен превоз ги покрива Министерството за образование и наука на Република Македонија.

Пријавувањето трае до 31 октомври 2016 година, а повеќе информации за начинот, условите, критериумите, потребните документи и пропишаните обрасци за аплицирање се достапни на интернет страницата www.scholarships.sk

Прикажани 1 - 5 од 60 резултати.
Предмети по страница 5
на 12

НАЈНОВИ АКТИВНОСТИ НАЈНОВИ АКТИВНОСТИ

Прикажани 6 - 10 од 10 резултати.
на 2

   

СТИПЕНДИИ КУРСЕВИ
СЕМИНАРИ/НАУЧНИ
КОНФЕРЕНЦИИ
РЕЗУЛТАТИ КОНТАКТ FOREIGN STUDENTS
           
Во Р.Македонија По држави По држави      
Надвор од Р.Македонија По области По области